Сам свој газда – меч со две острици

235

Да се стане претприемач, да се има сопствен бизнис, да се работи за себе… иако ова добро звучи, сепак “сам свој газда“ е меч со две острици. Ако имате силна верба во она што го нудите (производ или услуга), ако имате добро осмислен план и разработена стратегија, тогаш сигурно ќе ви биде полесно да се изборите со сите предизвици што ги носи турбулентниот претприемачки “живот“.

Овие митови би можеле да ви ја одземат концентрацијата и да ве наведат на погрешен пат кон успешна претприемничка приказна:

Претприемништвото е единствен начин да се збогатите

Само ако работите чесно и напорно ќе успеете да ги совладате сите пречки, така ќе ви биде препознаен и вреднуван трудот без оглед на тоа дали работите за себе или за некој друг. Немојте да ги гледате работите еднострано, бидејќи ако имате сопствен бизнис, тоа не значи дека вие ќе бидете газда и нема да има потреба да ги “засукате“ ракавите. Напротив, од вас ќе се бара поголема иницијатива и понапорна работа.

Со сопствен бизнис, човек е помирен и посреќен

Најважно е да бидете среќни и исполнети со она што го работите. Без оглед на тоа дали бизнисот е во ваша сопственост или не, ваша задача е да бидете исполнителни и напорно да работите за да ги постигнете целите. Голем е бројот на оние кои оставиле сè и започнале сопствен бизнис, но има и такви кои се каат што се газди. Затоа, најважно е да се пронајде соодветната рамнотежа во работата и да не се изгуби фокусот.

Претприемачите имаат повеќе слобода и помалку стрес

Ако имате сопствен бизнис тоа ќе значи дека треба да се збогувате со работното време. Со други зборови, наместо најмалку осум, ќе треба да работите 24 часа. Дури и кога сте дома, дел од мислите ви се секогаш насочени кон работата, дали работите се одвиваат така како што планирате, дали се запазени роковите, до каде е наплатата на побарувањата, дали ќе имате доволно средства за да ја платите киријата, платите на вработените, давачките кон државата… Сите овие работи можат да ви создадат главоболки иако немате шеф или претпоставен на којшто мора да му поднесувате извештај за сработеното.

Фото: Freepik