Саудиска Арабија ја менува туристичката стратегија: од ексклузивен кон достапен туризам

Саудиска Арабија ја проширува својата туристичка понуда за да привлече патници со среден и горен среден приход, по години фокусирање на луксузни одморалишта, изјави министерот за туризам на кралството, Ахмед Ал-Хатиб.

„Почнавме да градиме луксузни дестинации за луксузни патници. И веќе почнавме да градиме дестинации за средната и горната средна класа. Нема да го игнорираме овој сегмент“, рече Хатиб на маргините на годишната конференција за туризам на ОН, која за прв пат се одржува во Ријад, објави Ројтерс.

Иницијативата е дел од планот „Визија 2030“ на принцот Мохамед бин Салман, кој има за цел да ја диверзифицира економијата на Саудиска Арабија од нафтата и да го трансформира општеството.

Кралството сака да привлече најмалку 150 милиони туристи годишно до 2030 година, од кои една третина би биле од странство.

Досега, водечките одморалишта на брегот на Црвеното Море наплаќаа околу 2.000 долари за ноќевање, ограничувајќи го пристапот за туристи со средни приходи.

Хатиб објави дека 10 нови одморалишта на островот Шебара ќе понудат значително пониски цени, иако не ги прецизираше точните износи.

Религиозниот туризам е сè уште клучен сегмент, истакнува министерот.

Саудиска Арабија планира да го зголеми бројот на аџии во Мека и Медина на 30 милиони до 2030 година, што ќе бара изградба на десетици илјади нови хотелски соби.

За дополнително олеснување на посетите, Саудиска Арабија планира да воведе регионални визи од типот Шенген за земјите од Советот за соработка во Заливот, кои треба да бидат достапни помеѓу 2026 и 2027 година.