СБ: Опоравувањето на целиот Западен Балкан меѓу најбрзите во Европа

19

Економиите на Западен Балкан се меѓу најтешко погодените од ширењето на делта-варијантата во третиот квартал од 2021 година, при што бројот на новозаразени со вирусот Ковид-19 се приближува или ги надминува бројките од врвот на претходните бранови, со зголемување на смртните случаи. Стапките на вакцинација во неколку земји се под глобалниот просек, а имунизацијата е попречена од неподготвеноста на граѓаните да се вакцинираат.

Како и да е, економскиот раст на Западен Балкан се очекува да достигне 5,9 проценти во 2021 година – највисока стапка во целиот регион ЕЦА (Европа и Централна Азија) – поради силните извозни резултати, по што се предвидува во 2022 година забавување на растот до 4,1 проценти бидејќи слабее придонесот на надворешната побарувачка во растот.

Предусловите за реализација на оваа прогноза се постепено закрепнување на потрошувачката и економска доверба и олеснување на политичката нестабилност, се вели во извештајот на Светска банка.

И покрај отежнувачките околности, економскиот раст и продуктивноста во Албанија и Северна Македонија треба да се зајакнат со забрзување на структурните реформи во подготовка за пристапување во ЕУ, под услов преговорите за пристап повторно да не бидат одложени, се вели во анализата.

Исто така, се очекува дека регионот ќе може да ги искористи неодамна усвоениот Економски и инвестициски план на Европската унија, во рамките на кој ќе се мобилизираат средства за подобрување на одржливите транспортни врски, човечкиот капитал, конкурентноста и инклузивниот развој, како и зелената и дигитална транзиција.