Се бара решение за 550 вработени во „Лукоил Македонија“

По најавата дека рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде својот имот во странство како последица од американските санкции за нафта, во Македонија се отвора прашањето за иднината на 550 вработени во подружницата на компанијата. Домашните институции, предводени од Регулаторната комисија за енергетика, бараат начин да се обезбеди континуитет во работењето и зачувување на работните места.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски денеска изјави дека треба да ѝ се даде шанса на Лукоил Македонија и дека може да снабдува деривати од други земји.

„Имав средба со претставникот на Лукоил Македонија и тој ќе ги преземе сите мерки за тие луѓе да не останат без работа. Значи, Лукиол може и понатаму да работи и да обезбедува нафтени деривати. Досега, најголем дел обезбедувал од Бугарија, но може да обезбедува и од други земји така што во тој дел треба да му дадеме шанса и понатаму да работи, не мора да се снабдува со деривати обезбедени од руски рафинерии“, рече Бислимоски.

Групацијата „ЛУКОИЛ„ во Република Македонија е претставена со друштвото- ќерка„ЛУКОИЛ Македонија„ ДООЕЛ, кое е дел од Балканска меѓурегионална група на компании и врши продажба на големо и мало на нафтени деривати. Во моментов компанијата работи со мрежа од 40 бензински станици и еден нафтен склад.