Се бара…

37

cvekence-pixabay

Фото: Pixabay

За ова пишував и во првиот Прирачник Tip of the Week#1 од 2013 г. Но, инспирација повторно да ја обработам оваа тема се моите колешки со кои пред некој ден се уверувавме кој е во право и дали СРЕЌАТА навистина постои или не.

Проблемот е во тоа што ние ја „бараме” среќата. А, бидејќи таа не е Покемон (да ја соберете како вредносен поен), ние се нервираме и се фрустрираме дека не може да ја најдеме, т.е. дека ја немаме (ако сте од тие што ја бараат и не можат да ја најдат).

Прво, што е СРЕЌА? Дали може да се претстави во вид на некоја материјална форма или структура? Дали среќата е нешто што се гледа, мириса, допира, чувствува? Живееме во материјален свет и нормално е понекогаш така да мислиме и да чувствуваме за среќата (или несреќата). Се врзуваме за материјалните работи и мислиме дека ако некој има повеќе од нас материјални добра (не само пари, титула, позиција, моќ), е посреќен од нас.

Еден експеримент што го правел Др. Ричард Вајсман (автор на Факторот среќа), професор на Хертфордшир Универзитетот, покажува дека среќата нема никаква врска со надворешни фактори (дека треба некој или нешто да се случи за да нè направи среќни), туку целосно зависи од нашиот карактер, мисли и однесувања. „Среќните” луѓе, за разлика од „несреќните”, имаат развиено поголема вештина за препознавање и искористување на можностите што им се појавуваат. Тие се повеќе отворени за нови случувања, за промени. „Несреќните” ќе одат на некоја забава за да го сретнат својот перфектен партнер и ако не го најдат таму, можеби ќе ја пропуштат можноста да направат пријателство или деловна соработка со некоја прекрасна личност.

СРЕЌАТА е состојба на умот! Дали ќе бидеме среќни или несреќни најмногу ќе зависи од нашата перспектива на разгледување и прифаќање на работите што ни се случуваат. Можеби некогаш ќе кажеме „овој е роден под среќна ѕвезда… сè му оди од рака”. Ако некогаш се почувствувате вака, само поставете си ги овие прашања: Дали знам како тој стигнал до таму? И, дали знам како се чувствува вистински цело време (или можеби ние самите си правиме илузии за неговата среќа)? Во светот сè е дуално. Така е и со среќата и со несреќата. За да знаеме што е среќа, за да бидеме среќни, ние мора да знаеме што е несреќа. Доколку сакам да бидам што повисоко на скалилото, мора да сум го поминал (допрел) прво најниското скалило.

„Кога ќе се чувствуваш среќно, уживај во среќата, кога ќе се чувствуваш несреќно, уживај во несреќата. Кога има среќа, танцувајте со неа, кога има несреќа, плачи со неа”.
ОШО

Основата на проблемот се појавува уште при самото дефинирање на поимот „среќа” – успех или неуспех (несреќа) остварени случајно, а не преку некоја акција на субјектот. Баш спротивно. Основата на секоја среќа е акција, работа, дисциплина, труд. Да не се повторувам со добро познатиот цитат на Хенри Форд „Јас многу верувам во среќа. Што повеќе работам, тоа повеќе имам среќа”.

Ако среќата е поврзана со сите овие работи (карактер, мисли, перспектива, работа, акција…), и на сите од нив може да се дејствува, тогаш ајде да ги засукаме ракавите и да работиме за развој на тие вештини и да станеме повеќе среќни.

Со успех во промените.