Се очекува пад на цените на недвижностите од најмалку 10 проценти во регионот

302

Аналитичкиот тим на Bloomberg Adria очекува дека следната година ќе бидеме сведоци на голема корекција на цените на недвижностите во регионот Адриа – за најмалку 10 проценти во просек во однос на нивото од 2022 година.

„Сметаме дека главни двигатели на ваквото движење се агресивното зголемување на каматните стапки од централните банки, рецесиското опкружување и инфлацијата“, велат аналитичарите во последниот извештај.

Како што се наведува во документот, инфлаторните притисоци влијаат на реалните плати, што ја задушува побарувачката во станбениот сектор, додека зголемените трошоци за градежни материјали и послабите инвестиции поради економското забавување, заедно со поскапото финансирање, ја туркаат понудата кон негативен тренд. Шестмесечниот Еурибор, на пример, беше -0,5 отсто на почетокот на годината, пред да порасне на 2,1 отсто до крајот на октомври, што значително ја зголемува цената на сите станбени кредити.

Аналитичарите на „Блумберг Адриа“ предвидуваат дека на крајот на оваа и на почетокот на следната година, вкупната градежна активност во регионот во најдобар случај ќе забави или дека во најлош случај силно ќе се влоши. „Бидејќи севкупниот економски циклус во целата Европска унија – а со тоа и во регионот – е на надолна траекторија, има малку позитивни ризици за трендот на раст на вкупните градежни работи.

За верувањето дека градежната активност и цените на недвижностите ќе се намалат во 2023 година придонесува и падот на бројот на издадени одобренија за градење, што е добар показател за идната градежна активност и побарувачката за станови.

Дополнително, посочува аналитичкиот тим, истражувањата за банкарските кредити во регионот покажуваат дека банките сè повеќе не сакаат да даваат кредити на бизнисите и на потрошувачите. Во вториот квартал од 2022 година, банките во регионот Адриа објавија значително заострување на стандардите за кредитирање за хипотеките за домаќинствата. Сепак, треба да се каже дека станбените кредити и понатаму во просек бележат двоцифрен раст.

Послаба градежна активност секаде освен во Словенија

Кога станува збор за моменталната состојба, најновите расположливи податоци покажуваат забавување или пад на градежната активност во сите земји од регионот Адриа, освен Словенија, каде што одржува силно темпо.

„Стапките на раст покажаа различни перформанси во регионот: тие беа негативни во Северна Македонија (-12,9 отсто на годишно ниво во јули), Босна и Херцеговина (-1,6 отсто во вториот квартал од 2022 година) и Србија (-11,8 отсто во вториот квартал од 2022 година), благо позитивен во Хрватска (1,6 отсто во август), додека позначителен раст е забележан во Словенија (30,2 отсто во август)“, се вели во анализата.