Фото: Ohrid.gov.mk
Владата донесе одлука за ограничување на пловидбата на пловни објекти на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Одлуката се однесува на пловидбата на чамци и скутери и истата е со цел заштита на природната средина, подобрување на безбедноста во пловидбата, како и безбедноста на капачите во периодот на летната туристичка сезона. Исто така, ограничувањето на пловидбата на чамци е заради оневозможување на рибокрадството кое е често констатирано по езерата и се врши во ноќните часови.
Ограничување на пловидбата со пловни објекти – чамци и скутери се однесува на целата површина на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и тоа за чамци ограничувањето е за периодот од први јули до 31 август во времетраење од 21 до пет часот секој ден, од први септември до 31 октомври во времетраење од 19 часот до шест часот секој ден, од први ноември до 31 март во времетраење од 17 часот до шест часот секој ден и од први април до 30 јуни во времетраење од 19 часот до шест часот секој ден.
Ограничувањето на пловидбата за скутерите се однесува за периодот од први јули до 31 август во времетраење од 11 до 19 часот секој ден.
Одлука за ограничување на пловидбата за пловни објекти – скутери, беше донесувана и за претходните години, почнувајќи од 2009 година и искуството покажува дека ваквото ограничување е оправдано во поглед на остварувањето безбедност во пловидбата со што и бројот на пловидбените незгоди е значително намален.
Од оваа одлука изземени се чамците и скутерите наменети за јавни потреби за вршење инспекциски, царински и полициски надзор како и чамците кои ги користи субјектот на кој му е дадена концесија за стопански и рекреативен риболов како и за чамците за стопански цели – превоз на патници.
Во наведениот период, Капетанијата на пристаништата во соработка со Министерството за внатрешни работи – Езерска полиција ќе врши редовни контроли во однос на почитувањето на законските прописи, при што доколку се констатира прекршок, прекршителите на оваа Одлука ќе бидат соодветно санкционирани.
Министерството за транспорт и врски апелира до сите граѓани да ја почитуваат одлуката со што ќе се придонесе за поголема безбедност, заштита на животната средина и подобар престој на туристите кои летуваат покрај езерата во Република Македонија.