Се отвораат три нови Роса школи за родителство

87

Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola преку Роса, заедно со Министерството за здравство ќе отворат уште три нови Роса школи за родителство до крајот на годинава.

На прес-конференцијата, којашто се одржа во просторијата на Роса школата во Поликлиниката Јане Сандански, Пивара Скопје и Министерството за здравство потпишаа и Меморандум за соработка со којшто најавија и продолжување на проектот и во 2020 година со отворање на повеќе Роса школи за родителство и во други градови во Македонија.

Со годинешното отворање на Роса школите во јавната здравствена установа Здравствен дом Струмица и во општите болници во Охрид и во Куманово, на идните родители од овие градови ќе им биде на располагање стручен тим за поддршка и помош во текот на бременоста и првите родителски години. Со отворањето на трите нови школи, во употреба ќе бидат вкупно шест Роса школи, а до крајот на 2020 во здравствените домови во повеќе градови низ земјата на располагање ќе бидат вкупно девет Роса школи.

“Чест ми е што имам прилика да го најавам продолжувањето на проектот ‘Роса школи за родителство’, со којшто верувам дека Пивара Скопје како општествено одговорна компанија, навистина успева да направи чекор повеќе и да отвори сосема нова можност за сите идни родители. Минатата година рековме дека нашата заложба е ‘Роса’ школите да продолжат да живеат и во наредните години, па така денес со гордост можам да кажам дека ми е исклучително драго што овој проект навистина преминува во долгорочен и на крајот на 2020 на располагање ќе имаме вкупно девет Роса школи за родители. Голема благодарност до Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство што повторно ја увидоа нашата искрена мисија за вложување во добросостојбата на сите граѓани“, изјави Дан Тимотин, генерален директор на Пивара Скопје.

Генералниот директор Тимотин уште еднаш ја потврди заложбата на Пивара Скопје за развој на економијата и најави капитални инвестиции и во други области во текот на 2020 година, со вкупна вредност од 10 милиони евра.

Сите простории во здравствените домови наменети за Роса школите, инаку се комплетно реновирани и опремени од страна на Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola од средства собрани преку претходно спроведената шестмесечна кампања во којашто се издвојуваше по еден денар од секое продадено шише вода Роса од 1,5 литри. Во овој партнерски проект, Министерството за здравство ги одредува здравствените домови каде најмногу има потреба од ваков тип на школи за идни родители и го обезбедува стручниот тим кој ќе ги спроведува обуките. Овој тим е составен од доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, педијатрија, како и медицински и патронажни сестри.

Обуките се бесплатни и ќе бидат организирани во пет тематски целини кои опфаќаат родителство, здрави стилови при бременоста, психофизичка подготовка, доење и нега на новороденчето, а трудниците и сите  заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства ќе можат да се пријавуваат директно во здравствените домови.

Проектот Роса школи за родителство започна во 2018 година, кога свои Роса школи добија Поликлиниката Јане Сандански во Скопје, Општата болница во Гостивар и Клиничката болница во Битола, а од Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola преку Роса најавуваат продолжување и во наредните години во нови градови низ целата територија на државата.