Се укинува лимитот од 2.500 евра месечно по лице за приливите од сметки кај платежна институција или институција за електронски пари во странство

335

Советот на Народната банка одржа редовна седница на којашто беше усвоен најновиот Квартален извештај. Како што е нагласено во Извештајот, во текот на вториот квартал дојде до видно стабилизирање на епидемиолошката состојбa и олабавување на рестриктивните мерки, со што и показателите за глобалната економска активност се поволни. Главните извори на неизвесност и ризици во глобални рамки и понатаму се поврзуваат со развојот на пандемијата и процесот на имунизација.

Последните макроекономски показатели од домашната економија главно се движат во очекуваните рамки. Проценетите податоци за БДП за првиот квартал од 2021 година покажуваат намалување од 1,9%, што претставува продлабочување на годишниот пад, коешто беше очекувано и при априлската проекција. Од друга страна, расположливите високофреквентни податоци за економската активност за вториот квартал покажуваат позитивни движења, со оглед на стабилизирањето на третиот бран од пандемијата, како и започнатата имунизација во земјата и постепеното повлекување на рестриктивните мерки, што придонесе за закрепнување на економијата. Во однос на инфлацијата, просечната годишна стапка на инфлација во првата половина на годината изнесува 2,4%, што е очекувана динамика со оглед на растот на светските цени на примарните производи. Големата променливост на цените на светските пазари и понатаму е главниот извор на неизвесност околу идните движења на домашните цени.

Последните расположливи податоци за билансот на плаќања посочуваат на остварувања кај тековните и финансиските трансакции коишто се во согласност со очекувањата од априлската проекција. На девизниот пазар, во вториот квартал од годината, Народната банка интервенира со мал нето-откуп на девизи, што упатува на поволни поместувања на овој пазарен сегмент. Податоците за бруто девизните резерви за вториот квартал упатуваат на динамика на промена којашто е подобра од очекуваната, при што и понатаму се во сигурната зона.

Кредитната активност на банкарскиот сектор во текот на вториот квартал од годината оствари забрзан квартален раст, што е вообичаено за овој период на годината. Притоа, задржаниот приспособлив карактер на монетарната политика, како и солидната солвентна и ликвидносна позиција на банките се фактори коишто и натаму ја стимулираат понудата на кредитите. На годишна основа, кредитниот раст на крајот на вториот квартал достигна 5,1%, што е над проектираниот годишен раст според априлската проекција. Истовремено, беше забележан забрзан раст и на депозитната база, како главен извор на финансирање на кредитната активност на банките. Годишниот раст на вкупните депозити на крајот на јуни изнесува 6,7%, што претставува солиден раст и е во согласност со очекувањата според априлската проекција.

На седницата, Советот донесе одлука да ја задржи стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложености во нашата земја и за изложености кон други земји на 0%. Противцикличниот заштитен слој на капиталот претставува еден од макропрудентните инструменти воведени на глобално ниво по глобалната криза, чијашто намена е да придонесе за намалување на прекумерниот кредитен раст во услови на експанзија на финансискиот циклус, односно да помогне при справувањето со процикличноста во финансискиот систем. Задржувањето на нивото на противцикличниот слој на капиталот на 0% се темели на показателите за умерениот кредитен раст, отпорноста на банкарскиот систем и остварувањата на домашната економија коишто упатуваат на нејзино закрепнување.

Советот разгледа и донесе и измени на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство. Со измените се укинува лимитот од 2.500 евра месечно по лице за приливите од сметките кај платежна институција или институција за електронски пари во странство.

На седницата, Советот го разгледа и Извештајот за извршената надворешна процена на квалитетот на работењето на внатрешната ревизија на Народната банка, подготвен од експертски тим од Централната банка на Холандија. Во Извештајот е оценето дека усогласеноста на работењето на внатрешната ревизија на Народната банка со Меѓународните стандарди на Институтот за внатрешни ревизори е на највисокото ниво од три скалила на усогласеност.

Фото: Pexels