Се зголемува бројот на онлајн продавници во Македонија

78

Македонските граѓани сѐ повеќе купуваат онлајн, но и отвораат онлајн продавници, за што според Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, покажува порастот на бројот на трансакции, порастот на вредноста на трансакции, како и порастот на бројот на уреди на виртуелни места на продажба, пренесува МИА.

Според податоците на Народната банка, во текот на првите девет месеци од 2019 година, реализирани се вкупно 4.611.964 онлајн трансакции, наспроти 3.783.185 онлајн трансакции во истиот анализиран период во 2018 година, што претставува раст за 828.779 онлајн трансакции односно, пораст од 21,9%.

Вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во текот на првите девет месеци од 2019 година, пак, изнесува 124,2 милиони евра, наспроти 99,1 милиони евра во истиот период во 2018 година. Ова, како што стои во соопштението, значи дека вредноста на онлајн трансакциите се зголемила за 25,1 милиони евра, односно за 25,3%.

“Дека е-трговијата е во вистински подем говори и фактот што не само растат трансакциите и нивната вредност, туку има зголемување и кај бројот на уреди на виртуелните места на продажба, односно бројот на новоотворени е-продавници. Во моментов се активни 968 веб страници за е-трговија. Станува збор за активни и регистрирани виртуелни продажни места коишто се пријавени од страна на петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги во моментов. На крајот на претходната 2018 година имало 871 активни виртуелни места на продажба, што значи дека за период од девет месеци во 2019 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 127 новоотворени или за 14 нови е-продавници месечно во просек“, наведуваат од Асоцијацијата.

Оттаму оценуваат дека овие податоци покажуваат дека се движиме кон дигитална Македонија и смарт општество, а е-трговијата е неизоставен дел од едно такво општество.

Фото: Pexels