SEAT Tarraco новиот член на семејството SEAT

18

SEAT Tarracoе третиот, но и најголем SUV на познатиот шпански производител кој што се придружува на фамилијата која што ја сочинуваат Aronaи Ateca.

Големиот SUV нуди голема флексибилност на купувачите со опција за 5 и 7 седишта. Tarraco е првиот модел кој што го отркива дизајнот на SEAT за следните години.

Tarraco го доби своето име од медитеранскиот град Tarragona, и во хиерархијата на SEAT е на самиот врв на SUV гамата, над помалите браќа, Ateca и Arona. Тој е развиен на истата MQB платформа како и Ateca, но Tarraco е поголем во должина и висина.

Продажбата на новиот Tarraco ќе започне на почетокот на следната година, а новиот SUV на SEAT ќе се произведува во фабриката на Volkswagen во Wolfsburg, Германија.

Дизајнот претставува еволуција на дизајнерскиот јазик на SEAT аглестите предни светла се поставени околу хексагонална маска на ладилникот која најавува во која насока ќе се движи дизајнот на SEAT во следните неколку години. Профилот пак е чист – без непотребни линии и форми, додека задниот дел јасно кажува дека се работи за SEAT, но со малку поинакви линии и детали.

Внатрешноста на овој модерен SUV е модерна и едноставна. Прво што паѓа во очи е дизајнот во однос на другите модели на SEAT. Централно е поставен големиот, 8-инчен мултимедијален уред, а пред возачот се наоѓа 10.25 инчен дигитален панел со инструменти. Меѓу другото, Tarraco добива и DCC систем за динамична контрола на суспензијата, системи за следење на коловозната лента, систем за препознавање пешаци и велосипедисти, следење на слепата точка и уште многу, многу повеќе.

Гамата на мотори ја сочинуваат два бензински и два дизел мотори, сите со турбо полнење. Основен мотор во понудата е 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили и се комбинира со шест-степен мануелен менувач и погон на предните тркала. Над него е 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили кој може да се добие со седум-брзински DSG менувач и 4 Drive погон на сите четири тркала.

Дизел варијантата пак доаѓа со турбодизел опцијата, а тука е добро-познатиот 2.0 TDI со 150 или 190 коњски сили. Послабата верзија може да се добие со мануелен менувач и погон на предните тркала, или пак автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Помоќниот турбодизел е достапен само со автоматски менувач и погон на сите четири тркала.