Седумнаесет македонски компании на Саемот World food 2016 во Москва

23

Седумнаесет македонски компании ќе учествуваат на Саемот World food 2016 (МИР ПИТАНИЕ 2016), што ќе се одржи од 12-ти до 15-ти месецов во Москва, соопшти Македонско – руската стопанска комора, организатор на учеството на компаниите со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на РМ, јавува Миа.

На најголемиот прехранбен саем во Југоисточна Европа, македонските производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук ќе имаат национален штанд на површина од 110 метри квадратни. Покрај најголемите компании – извозници  на храна во Руската федерација, на оваа саемска манифестација традиционално се присутни и експерти од областа на агрокомплексот, а се одржуваат и низа трибини, промоции и презентации, што  го прави овој саем најголема берза за храна во овој дел на светот. Минатата година московскиот саем имаше повеќе од 65.000 посетители.

Во првите седум месеци од годинава, Република Македонија и Руската Федерација оствариле меѓусебна трговска размена од 92,9 милиони долари, што во споредба со минатогодишните 127,2 милиони долари во истиот период е опаѓање за 27%. Но, посочуваат од комората, структурата на размената во овој период покажува позитивни тенденции за македонското стопанство.

До крајот на јули годинава Република Македонија го зголемила извозот во Руската Федерација за 48,9%, а увозот го намалила за 39,1% во споредба со истиот период од лани. На рускиот пазар во овој период се пласирани стоки во вредност од 26 милиони долари (лани 17,5 милиони долари), а од таму се увезени за 66,8 милиони долари (лани 109,7 милиони  долари).

На семот во Москва ќе изложуваат македонските компании: Конимекс од Скопје, Агролозар, Хортена, Колид, Евромак од Струмица, Агро калем од Неготино, Баџо од Богданци, Душан Кириќ од Росоман, Хина продукти од Гевгелија, Пермидекс од Виница, Химаглион од Кочани, Фруктана од Аргулица, Балкан еко фруит од Свети Николе и АППЛ ленд од Ресен. Посетители на саемот се и Јуникс и Јаболчело од Скопје и Сафир промет од Струмица.

Покрај тоа што учеството на саемот компаниите ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, се очекуваат и бројни деловни средби со претставници на руската комора и со официјалните лица на руската администрација, најавува Македонско -руската стопанска комора.