Секоја трета мала компанија во светот отпуштила вработени за да преживее

42

Секоја трета мала компанија во светот била принудена да отпушти вработени за да остане отворена во мај во услови на пандемија, покажало истражувањето на Facebook, истакнувајќи ги тешките последици на пандемијата во светската економија.

Приближно 26% од малите и средни компании, опфатени со истражувањето, спроведено од Facebook во соработка со Организацијата за економска соработка и развој и Светската банка, рекле дека во периодот од јануари до мај биле затворени.

Истражувањето е спроведено од 28 до 31 мај меѓу повеќе од 30.000 сопственици на мали компании од над 50 земји.

Две третини од компаниите кои работеле во време кога е спроведено истражувањето навеле дека приходите им се намалени во последните месец дена во споредба со истиот период минатата година.

Една третина од помалите компании кои работеле во време кога е спроведена анкетата изјавиле дека биле принудени да го намалат бројот на вработените за да преживеат.

“Пандемијата не е само јавно здравствена туку и економска криза, која исклучително силно ги погодува малите и средни компании“, се наведува во извештајот.

Епидемијата на коронавирусот ги принуди владите во светот да воведат карантин, што ја закочи економската активност и турна некои економии во рецесија. Меѓународниот монетарен фонд проценува дека глобалната економија оваа година ќе се намали за 4,9%.

Истражувањето на Facebook покажало дека најтешко се погодени секторите фокусирани на потрошувачите. Околу 54 % од туристичките агенции и 47 % од малите компании кои работат во угостителството рекле дека не работат во моментот кога се спроведувала анкетата.

Фото: Freepik