Сенад Софтиќ нов гувернер на Централната банка на БиХ

12

softic

Новоименуваниот Управен совет на Централната банка на Босна и Херцеговина го избра др. Сенад Софтиќ за гувернер со мандат од шест години, стои во соопштението објавено на страната на банката.

Софтиќ на позицијата гувернер на ЦББиХ го замени Кемал Козариќ, на кој на 11 август му истече мандатот.

Новоизбраниот гувернер е доктор по економски науки и работи како вонреден професор на Економскиот факултет при Универзитетот во Сараево. Во рамките на професионалната кариера беше заменик претседател на Надзорниот одбор на Инвестициската банка, подоцна Развојна банка на Федерацијата БиХ. Во долгогодишната консултантска пракса учествувал како автор, коавтор и раководител во реализација на преку 120 елаборати, проекти и студии од различни области (менаџмент, финансии, банкарство, стратегии, организација, развој).