Шефот на Нокиа остана без бонус и со 45% помали примања

36

nokiaФинскиот произведувач на мобилни телефони Нокиа наведе дека извршниот директор на компанијата Стивен Елоп не добил бонус за 2012 година. Откако минатата година оваа компанија забележа големи загуби и континуирано го губи уделот на пазарот на смартфони од конкурентите Samsung и Apple, неговите вкупни примања се намалени за 45%.

Според извештајот на компанијата, Елоп, кој во 2010 година во Нокиа прејде од Microsoft Corp., во 2012 заработи 4,33 милиони евра, за разлика од заработените 7,94 милиони евра во 2011 година.

Иако основицата на платата на извршниот директор порасна за 6% во 2012 година, на 1,08 милиони евра, неговите бонуси се сведени на нула, а другите примања, како одложени компензации, акции и бенефиции се намалени за 50% на годишно ниво.

Минатата година Нокиа ја удвои загубата, на 3,106 милијарди евра. Компанијата наведе дека најлошото е зад неа, а во четвртиот квартал од 2012 година го оствари првиот профит во последните 18 месеци.

Нокиа до лани беше најголем светски произведувач на мобилни телефони и доминираше на пазарот скоро цела декада, но нејзиното место сега го презема Samsung.