Шефот на Renault ги потврдува големите планови за Alpine

31

Новиот извршен директор на Renault, Лука де Мео, планира да направи целосен пресврт кога станува збор за брендот Alpine.

Лука де Мео уште од пристигнувањето на челната функција на Renault групацијата, меѓу другото, особено внимание обрнува на Alpine брендот. Де Мео не крие дека сака да ја трансформира марката во нешто многу поголемо и на домашниот и на глобалниот пазар.

„Би и дал на Alpine таргет за развој на линија на производи, можеби базирани на Renault, со цел да се подмират сметките и да се исплатат трошоците за тркањата и сите други активности кои ги има Alpine“, изјави Де Мео во своето интервју за Autonews Europe.

Шефот на Renault претходно истакна дека идните перформантни верзии на Renault и трим левелите би можеле да го добијат Alpine името, нешто слично како што Fiat прави со Abarth. Лука де Мео исто така сака да ја засили профитабилноста со продавање на автомобили со повисоки трим спецификации, истакнувајќи дека купувачите сакаат спортски ориентирани тримови, како што е GT Line на Peugeot.

„Моето искуство е дека нивоата на опременост кои имаат подинамичен, спортски изглед се попопуларни на пазарот, како што е GT Line на PSA. Поради тоа сметам дека треба да одиме во таа насока. Alpine линијата би можела да биде начин за да се осигураме дека имаме 25, 30 проценти од миксот во повисоките нивоа на опременост, каде што се прави профитот“, објасни Де Мео.

Де Мео ја пофали техничката експертиза на Renault Sport, а зборуваше и за малата фабрика во Диеп каде што сега се произведува Alpine A110

„Навистина се флексибилни, навистина способни да прават мајсторства и работи слични како M дивизијата на BMW или RS во Audi или AMG. Знам дека Alpine има потенцијал, можеби не да се натпреварува со германските премиум брендови, но тоа е бизнис шанса. Можеби Alpine не е толку познат бренд, но дефинитивно има педигре и наследство“.

Преземено од Avtoplus.mk