Шпанија им забрани на банките да одземаат куќи и станови

58

Откако пред банкарските извршители дојде и до второ самоубиство на должник за само неколку дена, шпанската влада во соработка со опозицијата донесе мерки со кои на банките им се забранува од запленетите куќи да ги исфрлаат оние што не можат да ги извршат своите обврски. Банките се согласија на две години да ги замрзнат сите деложации.

“Никој не би смеел да остане без дом затоа што не може да плати”, изјави челникот на опозициската Социјалистичка партија, Алфредо Перез Рубалкаба по состанокот со шпанскиот премиер Мариано Рахој, пишува Ројтерс.

Според пишувањата на медиумите, меѓу договорените мерки е и замрзнување на обврските на граѓаните во однос на кредитите, но сеуште не е познато дали овие правила ќе се применуваат и ретроактивно.

“Живееме во тешки времиња и за такви нехумани ситуации никој не сака ниту да слушне, а не пак да види. Приоритет ни е доброто на народот на Шпанија”, изјави премиерот Рахој.

Од почетокот на 2008 година, во Шпанија од своите домови се исфрлени 400.000 луѓе, а невработеноста во третиот квартал достигна 25%. Банкарските кредити што ги потпишувале корисниците се така составени, што дури и Европската комисија потврди дека со нив се кршат правата на потрошувачите.