Шпанска фирма ќе врши надзор на проектот Луково поле

30

ЕЛЕМ и консултантската куќа Ациона инженериа од Шпанија, во конзорциум со АВЦ консалтинг од Македонија потпишаа договор за проектирање и надзор во износ од 774.400 евра за фазата А – проектирање и 1.120.875 за фазата Б – надзор, соопшти ЕЛЕМ.

Средствата се обезбедени со кредитот за подготвителни работи, за што договор бил потпишан минатата година меѓу ЕЛЕМ и Светска банка.

Со кредитот за подготвителни работи досега ЕЛЕМ ангажирал консултанти за изработка на студија за животна средина според највисоки стандарди, извршил дополнителни геолошки истражувања на теренот и формирал панел од експерти за сигурност на брани и панел од експерти за животна средина и социјални ефекти.

– Ангажирањето на консултантот за проектирање и надзор е последниот чекор пред отпочнување на фазата на градежни работи на проектот Луково поле. По успешно завршување на фазата на ажурирање на проектите и подготовка на соодветна техничка документација за меѓународен тендер за градежни работи за изградба на проектот Луково поле, која трае една година, односно до септември 2012, предвидено е да отпочнат главните градежни работи и изградбата, која треба да заврши до крајот на 2016 година. Вкупната инвестиција за изградба на Луково поле во моментот е проценета на приближно 62 милиони евра, од кои близу 52 милиони евра ќе се обезбедат од кредит на Светска банка – велат во ЕЛЕМ.