Шпилје и Глобочица за шест месеци произвеле околу 344 милиони киловат часови струја

16

Во Хидроелектраните Шпилје кај Дебар и Глобочица кај Струга, кои го сочинуваат црнодримскиот слив, во првото полугодие од годинава произведени се вкупно 334 милиони киловат часови електрична енергија, јавува Миа.

И во двете хидроелектрани планираното производство за овој период од годината не само што е остварено, туку е и натфрлено.

ХЕ Шпилје во првото полугодие од годинава испорача над 207 милиони киловат час електрична енергија што претставува натфрлување на планот за предметниот период за над 30%. Овој резултат претставува реализација на 75% од планираното производството за цела година, согласно енергетскиот биланс.

“Во хидроелектраната Глобочица во првото полугодие забележано е поголемо производство од планираното за околу 22%. Во овој извештаен период произведени се над 126 милиони киловат час електрична енергија што претставува реализација на годишниот план за 66%“, велат надлежните од ХЕ Глобочица.

Според нив, добрите производни резултатите се должат на поволната хидрологија, погонската подготвеност и на солидната оптимизација на производните капацитети.

Инаку и двете хидроелектрани во моментот имаат солидна резерва на вода во акумулациите.

Во акумулациите Дебарското езеро и Глобочица има резерва на вода за производство на над 30 милиони киловат часови електрична енергија, а просечниот дотек на вода изнесува околу 30 кубни метри вода во секунда.