Штериев: 2023 објективно ќе биде година со навистина големи предизвици

95

За првиот човек на Македонската берза Иван Штериев почетокот на оданочување  на капиталните добивки од хартии на вредност има погрешна временска рамка. Контекстот станува особено јасен ако се имааат предвид  условите на влошена берзанска динамика, прометот и ценовните движења  какви што беа минатата година. Во оваа насока е и потсетувањето дека 60% од куповниот промет го креираат физичките лица па оттаму и неговата проекција дека се очекува оданочувањето на капиталните добивки да предизвика негативни импликации на страната на побаруваката.

Јануарскиот промет и берзанска динамика засега се навистина доста скромни и во еден дел ова се должи и на овие промени во фискалниот третман на вложувањето во хартии од вредност. Дополнително, инвестирањето на берза повторно добива понеповолен даночен третман во однос на вложувањето во банкарски депозити. Тоа не е развојно добро за пазарот, вели во интервју за Локално, Иван Штериев.

На прашањето какви се пазарните перспективи и во која насока се движат  развојните планови на Македонска берза за следната година Штериев посочува дека за 2023 година планираат нови активности во делот на анимирање на компании кои имаат потенцијал за излез на берза, пред сè во соработка со стопанските комори, но и преку воспоставување на други партнерства.

„Воедно, ќе се обидеме да ја збогатиме понудата на Берзата и со воведување на определени странски финансиски инструменти. Определени нормативни можности за ова, на наша иницијатива, веќе се создадени и поддржани од Комисијата за хартии од вредност. Како што веќе објаснивме, ќе работиме и на конкретни проекти за раздвижување на пазарот преку привлекување на странски инвеститори врз основа на реализираното сопственичкото поврзување со Загрепска берза и отворање на нови проекти поддржани од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД)“.

Но, од друга страна, истакнува дека треба да се има предвид дека 2023 објективно ќе биде година со навистина големи предизвици.

„Да наброиме само некои: нов понеповолен даночен амбиент за инвестирање – како во делот на оданочување на капиталните добивки, така и од аспект на најавениот данок на екстра профит; порестриктивна монетарна политика – како во делот на политиката на каматните стапки, така и во нормативната пресија за одржување на повисока капитална адекватност на банките (коишто како котирани компании се главниот адут на нашиот пазар); засилена конкуренција од класичните банкарски депозити во услови на растечки камати и од лесно достапните, подиверсифицирани и поликвидни странски пазари; имплементација на европските директиви во домашното законодавство за хартии од вредност и потребата од прилагодување на истото од страна на сите пазарни учесници и институции“, вели првиот човек на Македонската берза.