Што ако се премисливте за одложување на отплатата на кредитот

156

Македонската банкарска асоцијација (МБА) соопшти дека сите нејзини членки нудат можност физичките лица кои ја прифатиле понудата на банките за одложување на отплатата на кредитите во наредните шест месеци, можат да се премислат и да продолжат со редовно плаќање на ратите. Исто така и оние кои ја одбиле понудата и продолжиле со отплата на кредитот можат да побараат одложување на отплатата.

“Нашите членки ќе излезат во пресрет и на барањата на своите клиенти коишто сега ја одбиле понудата, а во натамошниот период ќе проценат дека имаат потреба од привремено олеснување на финансискиот товар, дополнително да се приклучат кон понудата и наплатата на кредитот да им се одложи до завршување на грејс-периодот предвиден со понудата. Барањата за изземање или приклучување кон понудата, во претстојниот период ќе се процесираат индивидуално. Секој клиент што ќе има вакво барање ќе треба телефонски или со е-порака да ја контактира банката или штедилницата од којашто користи кредитен производ, за да се договори како да го достави барањето и притоа да биде заштитено неговото здравје“, стои во соопштението.

МБА соопшти дека според првичните податоци од сите нејзини членки – банки и штедилници, за прифаќање на понудите за олеснување на финансискиот товар со одложување на наплатата на кредитите се одлучиле околу 70 % од кредитокорисниците – физички лица.

Во однос на правните лица, понудите се усогласуваат со секој клиент одделно, во зависност од неговите потреби. Притоа, сите наши членки настојуваат максимално да им излезат во пресрет на фирмите засегнати од актуелната состојба, за да им се овозможат полесно да ги надминат потешкотиите предизвикани од шокот предизвикан од пандемијата на коронавирусот.

И понатаму, банките и штедилниците максимално ќе се заложат преку своето работење да дадат поддршка за македонската економија, како во периодот на корона-кризата, така и во посткризниот период, придонесувајќи за нејзиното опоравување. Притоа, приоритет ќе биде и континуираното одржување на финансиската стабилност.

Фото: Pixabay