Што да направите ако сакате да бидете успешен лидер?

292

За да бидете лидер треба да имате јасна визија, да поседувате енергија што сплотува и поттикнува, што му дава сила на тимот да се избори со предизвиците и да оствари голем успех на којшто сите ќе бидат горди. Во светот на бизнисот, вистинските лидери се препознаваат по оние нивни карактеристики:

Свесни за самите себе

Ако лидерот “лета“ во облаци по првиот постигнат успех, веќе следниот момент ќе го допре тлото со задникот. Затоа, важно е да биде свесен за себе, своите потенцијали, можности, ресурси што ги има и секако за неговиот тим. Само високосвесните менаџери стануваат лидери во вистинска смисла на зборот. Тие успеваат да направат баланс од сите недостатоци што ги имаат и да не дозволат негативно да влијаат врз крајниот исход.

Имаат страст за работата

Ако ги набљудувате од страна, вистинските лидери својата работа ја извршуваат со многу љубов, страст и верба. Во ниту еден момент не се колебаат да дадат сè од себе за да успее работата. Вистинскиот лидер никогаш не го штеди сопственото време, знаење, стручност, искуство и можности… со една единствена цел – остварување на целите на компанијата.

Доследност

Во бизнис светот успеваат оние кои се принципиелни, почитуваат одредени правила, имаат систем на вредности, но и во исто време се флексибилни. Затоа, важно е да се остане доследен во намерата да се “истурка“ проектот до крај, да им се влее доверба на колегите дека полесно ќе се надмине кризата, да се финализира продажбата на странски пазари или во најдобро светло да се претстави новиот производ или услуга.

Имаат големо срце

Добриот лидер никогаш не ги заборава своите луѓе, ја почитува секоја личност, има добри намери и непосредната комуникација секогаш му оди од рака. Овие лидери секогаш се тука да помогнат, да дадат поддршка, да исправат одредена грешка, да го прифатат ризикот врз себе, да не дозволат на тимот да му “падне“ моралот. Знаат искрено да се израдуваат на успехот, не штедат пофални зборови, но и искрено кажуваат кога нешто не е сработено. Една поговорка вели дека “добриот лидер е личност која знае да преземе малку поголема вина врз себе за неуспехот, а да преземе малку помала заслуга за успехот“.

Фото: Freepik