Што е анализа на пазарот?

1700

analiza

Фото: Pixabay

Започнувањето на бизнис не започнува само со добра идеја, финансиски средства, основање на фирма… Потребни се детални анализи коишто на претприемачот ќе му дадат јасна слика за околината во којашто треба да функционира, сите предизвици со коишто ќе се соочи, профили и преференции на потрошувачите.

Сите овие податоци може лесно да се добијат доколку се направи детална анализа на пазарот. Истражувањето на пазарот е особено важен бидејќи дава проценка на пазарните можности и капацитети, дава насоки за одлучување, ја оценува конкуренцијата, создава база за добар менаџмент и маркетинг на компанијата.

Оној претприемач кој сака да биде успешен, задолжително мора да ги познава движењата на пазарот и да се прилагодува на барањата, трендовите, конкуренцијата.

Анализата на пазарот треба да даде одговор на повеќе клучни прашања како што се: “Дали некому навистина му е потребен производот или услугата што ја нудам?“, “Дали производот или услугата е вистински одговор на желбите на потрошувачите, коишто постојано растат и се зголемуваат?“, “Дали постои конкуренција на пазарот?“, “Дали се потребни дополнителни трошоци?“, “Какви канали на дистрибуција преферираат купувачите?“, “Каков е односот со добавувачите и доставувачите?“…

Со истражување на пазарот мора да се докаже дека компанијата има евтин, подобар, поинаков производ што се разликува од конкуренцијата. Од друга страна, ќе им помогне на менаџерите да создадат соодветна стратегија за пронаоѓање на најдобриот начин и место за продажба на производот. За да бидат веродостојни резултатите, анализата мора да направи компарација помеѓу производот на компанијата и сите негови белези со оние на конкуренцијата.

Истражувањето на пазарот компанијата може да го спроведе самостојно преку повеќе канали и методи или пак да побара професионална услуга.