Што е Canvas бизнис модел?

3316

Кога претприемачот има идеја и сака да ја развие во бизнис, најпрво мора да направи бизнис план којшто ќе го води низ процесот на развој. Еден од најважните елементи на тој план е избор на бизнис модел, којшто ќе му даде смисла, оправданост и објаснување на бизнисот. Задача на секој бизнис модел е да даде точен и јасен одговор на неколку важни прашања: кој ќе го купува производот или услугата; по која цена; како ќе допре производот до крајните потрошувачи; која е конкуренцијата на пазарот…

Еден од најшироко употребуваните бизнис модели е Canvas бизнис моделот. Овој модел го создаде Александер Остервалдер, швајцарски бизнис теоретичар, автор и консултант. Canvas е корисен бидејќи дава препораки што треба да помогнат во развој на бизнис идејата.

Canvas бизнис моделот е составен од девет клучни точки, во коишто се содржани неколку битни прашања, на кои претприемачот треба да најде соодветен одговор.

Клучни партнери

За да биде успешен бизнисот, а резултат позитивен, мора да се внимава и на клучните партнери. Преку овој бизнис модели се идентификуваат: клучни партнери, клучни добавувачи, клучни ресурси што се добиваат од партнерите итн.

Клучни активности

Клучни се оние активности од кои зависи степенот на успех на компанијата. Меѓу нив најважни се: продажбата, производството, развој и истражување, релации со клиенти и соработници…

Клучни вредности

Canvas бизнис моделот од претприемачот бара одговор на прашањето – која е вредноста којашто им се испорачува на клиентите? Точно треба да се нагласи каков проблем решава дадениот производ или услуга и какви потреби се задоволуваат со нив. На тој начин ќе се увиди дали постои економска оправданост од развој на идејата во конкурентен производ или услуга.

Односи со потрошувачи

Клучни прашања во однос на потрошувачите се: за кого е креирана вредноста; кои се најзначајни клиенти; што е специфично кај одредена група на клиенти и сето она што е поврзано со една од најважните алки за развој на бизнисот, а тоа се потрошувачите.

Пазарни сегменти

Преку Canvas моделот, претприемачот треба да дефинира на каков пазар “атакува“. Дали производот е наменет за целиот пазар или таргетира само одредени делови и специфични групи.

Клучни ресурси

За производство на производот или нудење на услугата се неопходни ресурси. Затоа, преку Canvas, претприемачите треба да ги дефинираат ресурсите што им се потребни за испорака на вредноста до крајните корисници. Притоа, важно е да ги има предвид овие ресурси: информации и знаење, финансиски средства, простор и опрема за извршување на основната дејност, компетентни луѓе и слично.

Канали на дистрибуција

Кои се најчестите и омилените канали што го користат клиентите? Како најлесно да се допре до нив? Кои канали се најефикасни, а кои економски најисплатливи? Ова се само дел од прашањата поврзани со начинот на којшто компанијата ќе комуницира со клиентите и ќе го направи производот или услугата достапен за нив во секое време.

Приходи

Претприемачот мора да води сметка на кој начин ќе ја врши наплатата од клиентите. Што е тоа за што плаќаат, на кој начин во овој момент плаќаат и како би сакале да плаќаат во иднина се дел од прашањата поврзани со изворите на приходи. Во овој дел, може да се размислува за тоа која опција за наплата е најсоодветна: претплата, лиценцирање, еднократна уплата, надомест за користење и слично.

Структура на трошоците

Секој бизнис генерира трошоци, кои се потребни за извршување на основните активности на компанијата. Но, секогаш мора да се внимава тие да не ги надминат оптималните граници за да може да се одржува бизнисот во позитивен правец. Претприемачот мора да дефинира дали неговата крајна цел ќе биде намалување на трошоците преку (outsourcing, автоматизација на производството…) или фокусот ќе му биде на креирање на производ со врвен квалитет.

Фото: Pixabay