Што е добар, а што лош долг?

79

Фото: Pixabay

Кредит, ануитет, рата, отплата, кредитна картичка, рок, уплата… Овие непопуларни финансиски поими се секојдневие за голем број граѓани и компании. Луѓето кои се од другата страна, сметаат дека помирно спијат доколку не должат никому, но дали е тоа секогаш изводливо во денешно време. Од таа причина, се наметнува прашањето што е добар, а што лош долг и дали воопшто постои такво нешто.

Добар долг

Таканаречениот добар долг е оној што на корисникот му носи вредност или некаква корист што не би можел да ја дозволи од сопствени средства. Овој вид на долг на корисникот му нуди можност да расте, да се развива, да обезбеди стабилност на долг рок.

Вредноста што корисникот ја добива со финансирање на долгот, е меѓу клучните елементи што го прави долгот да биде “добар“. Во оваа категорија може да влезе кредит за школување. Иако може да претставува дополнително оптоварување за семејниот буџет, сепак тој носи вредност што на корисникот може да му се исплати по завршување на образованието. Исто така, долгорочен инвестиционен кредит, покриен со хипотека, може да биде добар долг. Причина за тоа е фактот што на компанијата ѝ овозможува раст, нова опрема, воведување нова технологија или нов модерен објект. Сите овие елементи значат економска корист и бенефит на долг рок, бидејќи носат поголема ефикасност, пониски трошоци и слично.

Лош долг

Другата страна на паричката е лошиот долг што значи само оптоварување и напластување на долгови. Кај овие долгови, објективно не постои економска корист, оправданост или исплатливост. Ако корисникот се задолжи за да купи некоја луксузна ситница, да замине на одмор…, а се соочува и со други финансиски проблеми, тогаш тој долг го заслужува епитетот “лош“.

Кредитните картички или потрошувачките кредити, најчесто се сметаат за лоши долгови, бидејќи од нив има само некоја краткорочна корист и често пати ги искушува корисниците да ги потрошат парите за нешто што не им е неопходно.