Што е фактура и кои елементи ги содржи?

12304

Фактурата претставува еден од основните документи во современата бизнис коресподенција ширум светот. Таа е деловен документ што го издава продавачот на одредено добро или услуга.

Во фактурата се наведува описот на стоката или услугата што е предмет на купопродажба, количината и цената. Овој документ создава обврска и за купувачот и за продавачот. Преку фактурата, купувачот е обврзан да го исплати износот наведен во фактурата во точно дефиниран и определен временски рок, додека продавачот да ја достави фактурираната стока или услуга.

Теоријата и праксата препознаваат излезна и влезна фактура. Од гледна точна на продавач, фактурата што ја подготвува за својот клиент на кој му продал одреден производ или услуга е излезна. Од друга страна, клиентот кој го купува производот или услугата и има обврска да го плати износот, тогаш таа фактура за него е влезна.

faktura

Основни елементи што ги поседува фактурата се:

  • Името на компанијата што ја издава фактурата
  • Адреса на седиштето на компанијата
  • Единствен даночен број, доколку издавачот на фактурата е даночен обврзник
  • Број на фактурата, како и време и место на нејзино издавање
  • Видот и количината на производите или услугите што се продаваат
  • Цената без данок
  • Доколку се оданочува, се прецизира и даночната стапка
  • Вкупниот износ

Продавачот треба да го наведе рокот на плаќање на фактурата, процентот на казнена камата при задоцнување при плаќањето, како и надлежноста на судските органи во случај на спор.

Освен фактурата, важно е да се истакне и значењето на профактурата, како често користен документ во деловните односи. Профактурата нема обврзувачко значење како фактурата и особено е корисна бидејќи не го обврува издавачот да плати данок, за разлика од фактурата кога обврската за плаќање на данок постои без оглед на тоа дали фактурата е платена или не. Кога физичко или правно лице ќе изврши плаќање по основ на профактурата, неопходно е да му се издаде фактура. Профактурата не претставува основа за сметководствено книжење.