Што е иницијална јавна понуда (IPO)?

635

Фото: Pixabay

Една компанија може да дојде до дополнително ниво на капитал преку механизмите што ги нуди примарниот пазар. Првото емитување на акции се нарекува иницијална јавна понуда (Initial public offering – IPO).

За иницијална јавна понуда се смета трансакцијата преку која една компанија од затворен облик, на пример друштво со ограничена одговорност, преминува во јавно отворено акционерско друштво. Со оваа постапка, капиталот на компанијата се изразува преку бројот и вредноста на акциите.

Процесот на IPO започнува со одлуката за видот на понудата што ќе биде поднесена до потенцијалните инвеститори. Вообичаено, компанијата се консултира со инвестициона банка ил брокер за да се утврди оптималниот вид и структура на понудата и нејзината дистрибуција.

Мали семејни компании во својот циклус на развој често се среќаваат со потребата од собирање на нови средства неопходни за истражување и развој, воведување нови производи или услуги, ширење на производството, намалување на нивото на задолженост и слично.

Сопствениците на компаниите кои сакаат да го понудат бизнисот на инвеститори, најпрво мора да дадат одговор на неколку битни прашања:

  • Која е цената на капиталот?
  • Имаат ли на располагање друга алтернатива за да дојдат до посакуваниот износ?
  • Дали поевитните варијатни со себе носат поголем ризик?

Дополнителниот капитал што компанијата го собира преку иницијална јавна понуда ја зголемува нејзината нето вредност. Со овој дополнителен капитал, компанијата гради нова финансиска позиција на чија основа може да собира или позајмува финансиски средтва, по поволни услови.

Она што треба да знаат сопствениците на компанијата е дека по IPO се менува сопственичката структура на компанијата.