Што е колатерал?

Колатерал претставува предмет со одредена вредност што заемодавачот може да му го одземе на должникот доколку тој не го отплати кредитот во рамки на договорените услови. Колатералот служи како гаранција дека ќе биде вратен договорениот износ, по однапред познати услови.

Чест пример за колатерал е хипотеката, кога банката од кредитокорисникот бара заложување на имот со одредена проценета вредност. Во случај кредитокорисникот навреме да не може да ги исполнува своите обврски, банката има право да ја активира хипотеката, односно да ја преземе сопственоста над заложениот имот.

Колатералот може да биде во паричен или непаричен облик, а неговиот износ ќе зависи од висината на кредитот.

Многу често се случува оценката за кредибилитет на одреден клиент, банката да го заснова на висината и квалитетот на колатералот што тој ќе го понуди како гаранција.

Во голем број земји во развој, користењето на колатерал е главниот начин преку којшто банката може да биде сигурна дека доколку не го наплати кредитот, ќе може побарувањата да ги покрие преку продажба на заложената хипотека.

Фото: Pixabay