Фото: Pixabay
Конкуренцијата претставува натпревар помеѓу најмалку два субјекта, поединци, групи, компании… Во бизнисот, конкуренцијата се појавува кога најмалку две компании нудат ист или сличен производ/услуга на пазарот. На тој начин, ја започнуваат “борбата“ за поголем дел од пазарот со различни маркетинг алатки.
Конкурентите меѓусебно се натпреваруваат за што е можно повеќе клиенти, а целта е да им испорачаат производ или услуга според нивните желби и потреби. Но, компаниите не стануваат конкуренти бидејќи водат сметка за интересите на купувачите, туку нивното деловно однесување се раководи според проекцијата за остварување профит.
Секоја компанија мора добро да го познава пазарот на којшто продава, да ги знае навиките на своите клиенти, како и конкурентите со кои се соочува. При анализа на конкуренцијата, првиот чекор е секогаш идентификување на конкуренцијата преку изнаоѓање одговор на прашањето – Кои се моите конкуренти? Штом се идентификуваат конкурентите, неопходно е да се утврдат нивните цели и кон што се стремат во иднина. При анализата на таканаречените ривали, неопходно е да се оценат и слабите и силните страни на конкурентите и да се изгради став кон нив.
Во динамични услови на работа, конкуренцијата никогаш не спие. Па, од таа причина, доколку компанијата го следи чекорот со конкуренцијата, ги следи и имплементира трендовите во работењето, секогаш ќе биде атрактивна и присутна на пазарот.
Истражувањето и анализата на конкуренцијата е сложен процес којшто опфаќа голем број активности. Не станува збор за еднократна активност, туку е неопходно постојано да се работи на тоа. За секоја компанија, препорачливо е постојано да ги следи настаните и новитетите што ги прават конкурентите.
Сето ова наведено погоре подразбира “здрава“ конкуренција, но во праксата многу често се појавува и таканаречената нелојална конкуренција. Таа може да се идентификува како ситуација во која една компанија се однесува спротивно на (не)пишаните норми и правила на водење бизнис, со што му нанесува штета на друго претпријатие или на потрошувачите.