Што е ликвидација?

2820

pari

Фото: Pexels

Згаснувањето на една компанија претставува нормален процес и дел од нивната работа. Постојат повеќе причини поради коишто сопствениците, содружниците или акционерите решаваат да стават крај на работата на една компанија. Сложената финансиска состојба, несолвентност, недостиг од кадар, застарена технологија… може да бидат главните причини поради коишто се затвора една компанија.

Според законодавецот, ако не се отвори стечајна постапка над компанијата, по донесување на одлука за престанување на друштвото, се спроведува ликвидација. Ликвидацијата по дефиниција претставува посакуван престанок со работење на компанијата, односно одлуката за ликвидација ја носат содружниците и акционерите, а истата не е резултат на несолвентност. Престанокот сам по себе не доведува до престанување на правниот субјективитет на компанијата, туку само запирање на активната трговска дејност, па поради тоа се спроведува постапка за ликвидирање на настанатите правни односи.

Во ликвидација може да се најде само онаа компанија што престанала со работа. Но, во сите случаи на престанок на друштвото не се спроведува ликвидација. Тоа се однесува на компании што се спојуваат, припојуваат, делат или вршат преобразба од една во друга форма.

Постапката за ликвидација, за разлика од стечајот, не е судска постапка, туку истата ја спроведува управителот на компанијата во својство на ликвидатор.

Главната цел на ликвидацијата на компанијата во прв ред е заштита на самите содружници, за разлика од стечајот каде што главната цел е заштита на интересите на доверителите.

Ликвидаторот, во текот на постапката, има задача да формира ликвидациона маса, подмирување на обврските и поделба на остатокот од ликвидационата маса меѓу содружниците или акционерите.

По завршување на сите правни процедури, се поднесува пријава за бришење на компанијата од трговскиот регистар.