Што е микро кредит?

208

Основач на модерното микрокредитирање е сопственик на банка во Бангладеш. Станува збор за Мухамед Јонус кој во 2006 година добил Нобелова награда за мир за својот придонес во борба против сиромаштијата во земјите во развој преку микрокредитирање.

Микро кредитите или payday loans се краткорочни кредити за брзо решавање на одредени финансиски проблеми. Главна цел им е брзо решавање на финансиските потешкотии до првиот момент кога се очекува да се добие редовното примање (пензија, плата, кирија и слично).

Овој вид на кредити се издаваат на пониски износи и рокот на отплата им е до неколку месеци за да може да се отплати наеднаш или во неколку рати. Не се наменети за отплата на долгови или покривање други заеми, како и за игри на среќа, пороци или финансиско хазардерство.

Вообичаена примена на микро кредитите е за покривање на: непланирани трошоци за поправки во домот, автомобилот, неочекувани медицински трошоци, вонредни трошоци коишто однапред не може да се предвидат.

Поединци посегнуваат по ваков вид на кредит за да можат да ги подмират непланираните трошоци и да ги надминат финансиските потешкотии во период меѓу две плати.

Кај микро кредитите, целиот процес на аплицирање и одобрување на кредитот се одвива електронски.

Компаниите коишто нудат ваков вид на кредити, имаат интернет страници на коишто се наоѓа апликација, којашто заинтересираниот клиент треба да ја пополни за да аплицира. Оттаму ја анализираат апликацијата, а потоа го контактираат апликантот за да достави одредена документација. Сите документи може да се испратат електронски, а откако кредитот ќе биде одобрен, може да се подигнат парите.

Кај микро кредитите не се бара гаранција, жирант или било каков друг вид на обезбедување на кредитот.

Во случај, корисникот на кредитот да не е во можност да го отплати кредитот во договорениот рок, се пресметува соодветна законска затезна камата.

Властите во земјава, донесоа законски измени со коишто вкупните годишни трошоци за овој вид на потрошувачки кредити се ограничуваат на пет пати од затезната камата или 55% од кредитот во моментот. Претходно, годишните трошоци не беа ограничени.

Фото: Pixabay