Што е шпедиција?

2026

Фото: Pixabay

Шпедицијата влегува во доменот на услужни дејности. Нејзина задача е организација на превоз на стока поради нејзина испорака или достава. Шпедицијата ги ослободува извозниците и увозниците од грижата за транспорт, што претставува важен дел од надворешно – трговската дејност.

По правило, договорот за шпедиција е неформален и може да се склучи на кој било начин предвиден за склучување на договори (писмено, усно, телефонски, по мејл и слично). Договорот се склучува врз основа на понудата на комитентот или врз основа на понуда. Договорот за шпедиција се смета за склучен во моментот кога шпедитерот ќе го прифати налогот на комитентот за негова сметка да организира испраќање или достава на стока.

Основна обврска на шпедитерот е да склучи, од свое име, а за сметка на комитентот, еден или повеќе договори за превоз и да ги изврши сите дополнителни работи во врска со извршувањето на неговата основна обврска.

Од друга страна, врз основа на договорот, шпедитерот има неколку основни права: право на провизија за завршената услуга, право на надоместок на трошоци, право на залог, право на придржување и право на самостојно истапување.

Во теоријата постојат неколку основни видови на шпедиција: според територијата на којашто се шпедитерот ја врши својата дејност (внатрешна и надворешна), според основните карактеристики на работењето (пристанишна, континентална и гранична шпедиција), со оглед на меѓусебните правни односи (нецелосна, целосна, фиксна и збирна шпедиција).

Договорот за шпедиција најчесто завршува со исполнување на преземените договорни обврски, меѓутоа договорот за шпедиција може да престане и поради стечај на налогодавачот или шпедитерот, поради неможност да се исполни и слични ситуации.