Што е варант?

621

Фото: Pixabay

Варант (Warrant) претставува еден вид на сертификат, обично прикачен на обврзница или друг вид на хартија од вредност, што на сопственикот му дава ограничено или постојано право да купи хартија од вредност или друг финансиски инструмент по одредена цена или да запише обврзници од идна емисија на истиот издавач.

Варантот претставува посебен вид на долгорочна хартија од вредност, што ја издава компанијата што има намера да го зголеми својот капитал, со нова емисија на акции или продажба на акции што ги има како резерва. На веќе постоечки акционери или иматели на обврзници им се издава варант, што му дава можност да купат определен број обични акции, по утврдена цена, во текот на определен период.

Инвеститорот добива фиксен поврат на средствата, кои им ги позајмил на други и опција на купување на обични акции по одредена цена. Со издавање на варантот, издавачот му овозможува на купувачот одредена хартија од вредност дополнителна корист со што го стимулира за купување, а издавачот обезбедува поголема понуда на туѓ капитал по релативно пониска цена.

Цената по која имателот на варантот може да купи определен број на акции е 10-тина отсто над пазарната цена на акциите на компанијата во времето на издавање.

Цената на варантот е релативно мала во однос на вредноста на хартијата од вредност што може да се купи, а зависи од разликата меѓу тековната пазарна цена на акцијата и цената на акцијата во варантот.