Што е златен стандард?

641

Златен стандард претставува монетарен систем во којшто парите во оптек имаат фиксно покритие во златото.

Овој благороден метал илјадници години наназад служел како платежно средство, а причината поради којашто монетите биле изработувани од злато е природната реткост на овој метал. Секој обид да се воведат хартиени пари неславно завршувал бидејќи државата претерувала со печатење нови пари. Тоа би предизвикувало хиперинфлација и целосна загуба на довербата во валутата, по што хартиените пари би биле безвредни. Имајќи предвид дека количината на златото како природен ресурс била ограничена, државата не можела златните монети да ги создава во неограничени количини, за затоа златните пари трајно ја задржуваат својата вредност и ја стекнале довербата кај луѓето.

Но, не била најмудра одлуката златото да се чува дома, а од друга страна, не е практично да се носи поголема количина на злато со себе. Многумина златото го чувале во трезори со силна заштита коишто ги управувале златари и банкари. Сопственикот на златото како потврда за својот депозит добивал хартиен сертификат, којшто претставува доказ за сопственост. Со помош на тој сертификат било многу лесно да се дојде до злато, тие хартиени сертификати станале општо прифатено средство за плаќање, а златото ретко било изнесувано од сефот.

Во текот на 17-от век во Европа заживеал систем во којшто државите почнале да издаваат банкноти и да гарантираат за нивната вредност. За да ја задржат довербата во тие пари, земјите почнале да ја врзуваат вредноста на парите со златото што го имале на располагање и така е воведен златниот стандард. Велика Британија ваков монетарен стандард официјално воведе во 1821 година, а САД 1900-та, иако може да се каже дека САД неофицијално го практикувале златниот стандард од 1834 година.

Златниот стандард подоцна е модифициран и напуштан во неколку наврати. Како што пишува Bankazlata.com, Британија златниот стандард го напушта во 1931-ва, а САД две години подоцна. Тоа е периодот на Големта депресија, кога дошло до зголемена невработеност и сиромаштија меѓу населението. Тие кои имале пари во банките почнале да ги повлекуваат, што довело до банкрот на некои банки.

Фото: Pixabay