Што им е заедничко на Костарика, Филипини и Холандија?

44
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Костарика, Филипини и Холандија се топ три најголеми извозници на ананас во светот. Минатата година извозот на ова овошје достигна вредност од 2,2 милијарди долари или 5,2% повеќе во однос на 2018 година, покажуваат податоците на World’s top exports.

Костарика покрива дури 43,8% од вкупниот извоз на ананас или 981 милион долари. Филипини се на второ место со извоз од 323,8 милиони долари, додека извозот на Холандија достигна 250,6 милиони долари. Меѓу петте најголеми извозници на ананас во светот се и Белгија (97,1 милион долари) и САД (93,3 милиони долари).

Од земјите во регионот, Словенија лани извезла ананас во висина од 2,3 милиони долари. Грција е 38-ма во светот со извоз на ова јужно овошје во вредност од 1,7 милиони долари, додека Хрватска од ананас заработи 536.000 долари.

Кога станува збор за увозот на ананас, тој минатата година беше на ниво од 2,72 милијарди долари или 2,9% помалку во споредба со 2018 година.

Одделно по земји, најголем увозник на ананас во светот лани беа САД со 714,4 милиони долари. Меѓу петте најголеми увозници на ова овошје во светот беа и: Холандија (256,5 милиони долари), Кина (232,1 милиони долари), Шпанија (138,5 милиони долари) и Велика Британија (131,5 милиони долари).

Од регионот, Грција најмногу увезува ананас – 11,4 милиони долари. Следна е Хрватска со 4,5 милиони долари увоз на ова овошје, а кај Словенија тоа е 3,9 милиони долари. Србија лани увезла ананас вреден околу три милиони долари.

Македонија е 84-та во светот по увоз на ананас, што минатата година достигна вредност од 365.000 долари или 7,6% помалку во однос на 2018 година.

Фото: Freepik