Што кога некој ќе ве “извади од такт“

106

Постојат безброј ситуации во животот кога едноставно имаме чувство дека може да “експлодираме“ како темпирана бомба. Понекогаш тоа може да биде само последица од насобран стрес, фрустрации, несоодветна и недоволна комуникација, а некогаш од сосема други причини.

“Краткиот фитил“ не е само карактерна особина кај некои луѓе, туку некогаш дури и најсмирените луѓе може да изгубат контрола над работите и да се однесуваат несоодветно поради тоа.

Избројте до 10

Можеби имате колега што ве “вади од такт“ со неговото однесување, не ги почитува роковите, ги озборува колегите, доцни на работа, својата вина ја префрла на друг… Ако сте се нашле во таква ситуација, тогаш сигурно ќе се сложите дека е тешко да се остане смирен. Сепак, броењето до 10 пред да кажете нешто за што подоцна ќе зажалите, може да биде добра стратегија.

Имајте отворена комуникација

Секогаш одржувајте ја комуникацијата со колегите, бидејќи така ќе можете да знаете што се случува и да ги решите сите проблеми и недоразбирања што ги имате. Доколку бидете непосредни, едноставни во начинот на којшто се однесувате, многу полесно ќе ги надминете недоразбирањата со колегите или соработниците што имаат ставови поразлични од вашите.

Контролирајте ги емоциите

Сите ние сме живи суштества кои имаат емоции и сосема е нормално да постојат. Но, во одредени ситуации подобро ќе биде да ги контролирате за да не ескалира состојбата и да ја нарушите хармонијата што треба да владее во работниот простор. Изградете сопствен став, аргументирајте, имајте самодоверба и така нема да дозволите да ве понесе еуфоријата и во момент на лутина или на нервоза да донесете погрешен заклучок или одлука.

Дишете длабоко

Оваа техника на смирување е многу важна бидејќи на тој начин до мозокот доаѓа повеќе кислород, а тоа помага за негово опуштање и правилна работа. Ако сте доживеале некаков стрес, тогаш пронајдете некое мирно катче, затворете ги очите, бавно вдишете преку нос и бројте до пет, потоа задржете го здивот две секунди, па потоа полека издишете преку уста пет секунди. Повторувајте ја оваа вежба 10 пати.

Фото: Pixabay