Што Марадона остави зад себе?

126

Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, Диего Марадона, почина од срцев удар, пренесуваат аргентинските медиуми. Тој починал во својот дом, каде закрепнувал по операцијата на мозокот.

Марадона се смета за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, но многумина ќе се изненадат дека пред крајот на животот не бил ни приближно финансиски обезбеден во споредба со реномето што го уживал. Поради начинот на живот и фактот дека најголемите ангажмани ги имал во време кога во фудбалот не се “вртеле“ многу пари, славниот Аргентинец бил сиромашен според стандардите на модерните фудбалски ѕвезди, дури и оние со просечна заработка.

Според британските медиуми, богатството на Марадона се проценува на 75.000 долари, колку што Меси заработува за само неколку денови.

Марадона зад себе остави впечатлива кариера. Со репрезентацијата на Аргентина стана светски првак во 1986 година, а во текот на кариерата играл за Аргентинос јуниор, Бока јуниорс, Барселона, Наполи, каде два пати бил првак на Италија, па во Севиља, а кариерата ја заврши во Бока јуниорс.

Откако ја заврши кариерата како фудбалер, Марадона беше и тренер на повеќе клубови, а од 2008-ма до 2010-та беше и селектор на аргентинската репрезентација.

Фото: Freepik