Што претставува мобинг?

971

mobing-1

Фото: Pixabay

Терминот мобинг ги опфаќа сите видови на малтретирање на работно место. Мобингот се дефинира како појава на психичко малтретирање, кое се повторува низ активности со цел да го деградираат работникот врз разни основи. Оваа појава предизвикува повреда на човековите права и достоинство, штети на физичкото, менталното и социјалното здравје и ја попречува професионалната иднина на жртвата, стои во Прирачник за мобинг – Психички притисок на работното место.

Видови на мобинг

Законодавецот во Македонија мобингот го сегментира на психичко и полово вознемирување.

Психичкото вознемирување на работно место е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Половото вознемирување е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост.

Вработените честопати не се свесни дека се жртви на мобинг и им е потребно долго време да сфатат дека се соочуваат со целосно ирационално и неправедно однесување на работното место. Вообичаено развиени се повеќе видови на мобинг:

  • Хоризонтален: се одвива меѓу работниците со еднаква положба на хиерархиското скалило, односно кога еден или цела група работници заради внатрешни проблеми, завист и љубомора, избираат еден колега – жртва врз кого сакаат да докажат дека се силни и способни.
  • Вертикален: претпоставениот малтретира еден работник или цела група, или пак во обратна насока, група работници малтретира еден претпоставен
  • Стратешки: кога се вршат структурни промени во фирмата, па претпоставените организирано мобираат одредени лица кои се непожелни, за тие самите да дадат отказ без да бараат отпремнина, отштета.

Како да се препознае мобинг на работно место?

Постојат неколку фази преку кои вработените може да утврдат дека се жртви на мобинг. Најпрво добиваат впечаток дека колегите или претпоставените ги игнорираат, престануваат да им даваат задачи и да соработуваат и да се консултираат со нив. Бидејќи мобингот трае подолго време, жртвата на почетокот и не забележува, па постојано се обидува грешката да ја бара во себе и во својата работа. Вработениот веќе станува “дежурен виновник“ за сите пропусти во фирмата, а на крајот се соочува со огромен притисок, нереални барања и неразумни рокови за извршување на задачите. Веќе во последната фаза, жртвата на мобинг е целосно исклучена од работниот процес, се соочува со проблеми со здравјето и бара начин како да го напушти работното место.

Како вработените да се заштитат од мобинг?

Според законот, работодавачот е должен на вработениот да му обезбеди работа на работното место во здрава работна средина под услови со кои се обезбедува почитување на неговото достоинство, интегритет и здравје. Работодавачот мора да ги преземе сите мерки за да спречи мобинг на своите вработени.

Штотуку вработените, повозрасните вработени кои се пред пензионирање, чесните и креативни луѓе, членови на синдикални организации за заштита на правата на работниците, како и лицата прогласени за технолошки вишок најчесто може да се сретнат како жртви на мобинг.

Симптоми на вработени кои се жртви на мобинг

Мобингот може да биде причина за нарушување на здравјето на оние вработени кои се жртви на психичко малтретирање во фирмата каде што работат. Како најчести симптоми може да се јават: хроничен замор, пречувствителност, нарушување на сонот, депресија, хипертензија, кардиоваскуларни заболувања, повлеченост, незадоволство…

Физичките и физиолошките симптоми се манифестираат врз состојбата на здравјето и телото на жртвата, додека психичките влијаат на менталната состојба и стабилност на вработениот што го чувствува притисокот од мобинг.

Карактеристики на мобери

Моберот е вршител на вознемирувањето на работно место. Тие најчесто ги бараат недостатоците кај другите луѓе, а се маскираат со критичност кон сите соработници. Главните карактеристики на нивниот карактер се: нечувствителност, несигурност, зли намери, без никакво разбирање за туѓата несреќа и слично. Според психолозите, моберите се лица со нарушена личност. Нивната неспособност ја лечат со докажување на моќта. Својата немоќ најчесто ја прикриваат во некоја друга сфера од својот живот – меѓу семејството или пријателите.

Казни за мобинг

Законодавецот предвидува глоба од 5.000 до 6.000 евра на правното лице доколку врши: вознемирување на работното место и злоупотреба на правото на заштита од вознемирување на работно место; не ги преземе потребните превентивни мерки; не избере посредник меѓу страните; не постапи по препораките дадени од посредникот; постапи спротивно на одредбите од овој закон; не го премести привремено вработениот од друга работна просторија или работна средина.

Глоба од 3.000 до 4.000 евра на директорот, односно одговорно лице кај работодавачот, а глоба од 1.000 до 2.000 евра на физичкото лице што е работодавач за прекршокот.