Што претставува новиот пат на свилата?

113

Фото: Pexels

Оригиналниот пат на свилата не бил ниту пат во физичка смисла, ниту пак економски или политички проект. Тоа била рута што ја користеле трговците на својот пат низ централна Азија од Кина до Персија и Арапскиот залив. Но, денес новиот пат на свилата е од економски, но и политички интерес.

Кина претставува своевиден тренд сетер кога станува збор за сите економски, општествени и дипломатски одлуки што ги носи. Новиот пат на свилата претставува иницијатива што би можела да донесе повеќекратна корист за Кина, но и за земјите што ќе се најдат на тој пат.

Копнениот економски појас на патот на свилата подразбира копнена рута на развој на инфраструктура од Кина, преку централна Азија и пошироко. Од друга страна, поморскиот појас на патот на свилата, вклучува поморска пловна рута низ Индискиот океан и Персискиот залив. Целта на двата појаси е да ја поддржи мрежата што ги поврзува трговијата, инфраструктурата, инвестициите, луѓето и капиталот. Патот на свилата вклучува соработка на Кина со скоро 60 земји, опфаќа 29% од светскиот бруто домашен производ и 63% од светската популација. Овој економски коридор би покривал популација од 4,4 милијарди луѓе и економии вредни 21.000 милијарди долари.

Преку финансирање и поттикнување на инфраструктурни проекти во Азија, Европа и Африка, Кина отвора простор за својата градежна индустрија (земјата поседува повеќе од половина од светските капацитети за производство на цемент и челик). Исто така, поттикнувајќи раст и развој надвор од своите граници, Кина создава и поголем потенцијал за останатите индустрии што се погодени од забавениот глобален раст. Од тој аспект, новиот пат на свилата носи бенефит и за Кина, но и за остатокот од светот.

Идејата за новиот пат на свилата за прв ја спомена кинескиот претседател, Си Џинпинг, во 2013 година.