Што претставуваат инвестициските фондови?

228

inv-3-pixabay

Фото: Pixabay

Инвестициски фонд се здружени парични средства наменети за инвестирање, прибрани од инвеститори преку јавен повик или приватна понуда, со коишто за сметка на инвеститорите управува друштво за управување со фондови, стои во Законот за инвестициски фондови.

Друштво за управување со инвестициски фонд е акционерско друштво коешто има дозвола за вршење на работи за основање и управување со инвестициски фондови.

Депозитарна банка на инвестициски фонд е било која банка којашто за потребите на фондот врши работи на чување на имотот на фондот, водење на посебни сметки за имотот на фондот и одвојување на имотот на секој поединечен фонд од имотот на другите фондови, како и извршување други работи што се пропишани со закон.

Отворени и затворени инвестициски фондови

Отворен инвестициски фонд претставува посебен имот, без својство на правно лице, чии сопственици на удели имаат право на сразмерен дел од добивката на фондот и во секое време имаат право да побараат исплата на уделот, со што ќе истапат од фондот. Купувањето на удели се врши исклучиво со уплата на парични средства, со што купувачот на уделот заснова договорен однос со друштвото за управување што се обврзува дека со уплатените парични средства ќе управува како со дел од заедничкиот имот во согласност со утврдените услови.

Отворениот фонд започнува вршење на работи на прибирање на парични средства по пат на јавен повик за запишување на удели по добивање на одобрението за организирање на отворен фонд од надлежниот орган. Во рок од два месеца, како што стои во законот за инвестициски фондови, од објавувањето на јавниот повик, отворениот фонд треба да прибере парични средства најмалку во износ од 300.000 евра во денарска противвредност, на денот кога целосно се прибрани паричните средства. Во случај да не се обезбедат паричните средства, депозитарната банка е должна во рок од осум дена на инвеститорите да им изврши поврат на прибраните средства.

Затворен инвестициски фонд е акционерско друштво коешто се основа за прибирање на парични средства по пат на јавна понуда на акции и вложување на тие средства при што се применува принципот на диверзификација на ризикот.

Специфичноста на затворените инвестициски фондови е тоа што тие издаваат акции, а не удели како отворените инвестициски фондови и тоа на краток рок. Вложувањето во затворен инвестициски фонд е исто како купување акции од некоја компанија. Најчесто тоа се прави со јавна понуда на акции, што значи дека сите што се заинтересирани можат да инвестираат дел од своите пари во акции на овој фонд. Доколку се собере помал износ, во тој случај им се враќаат парите на инвеститорите.

За разлика од затворените, кај отворените инвестициски фондови во секој момент може да се купат нови удели, бидејќи фондот ќе издаде нови удели и за тој износ ќе го зголеми својот имот.

Кај отворените фондови, вредноста на уделот се пресметува така што се зема во предвид вкупниот имот (вредноста на сите акции, обврзници и други видови на хартии од вредност), по што се намалува за износот на обврските на фондот и се дели со бројот на издадени удели. Цената на еден удел директно е поврзана со вредноста на имотот на фондот. Уделите на инвестициските фондови не смеат да се продаваат по друга цена од онаа што е пресметана.

Кај затворените фондови, нето вредноста на имотот се пресметува исто како и кај отворените фондови со тоа што ако вложуваат во недвижнини, вредноста на тој вид на имот се утврдува со проценка. Кога се зема предвид цената на акциите, таа не се пресметува, туку нејзината вредност зависи од понудата и побарувачката, очекувањата на инвеститорите, состојбата на пазарот и слично. Кај затворените фондови често вредноста на имотот не одговара на цената на нивните акции на пазарот. Ако цената на акциите на пазарот е пониска од цените на имотот, во тој случај станува збор за дисконт, а ако цената на акциите е поголема од вредноста на имотот тогаш се работи за акции што се тргуваат со премија.