Што се меки вештини (soft skills)?

1150

covecinja

Фото: Pixabay

Soft skills или меки вештини се лични карактерни особини и квалитети што ги поседува секој поединец, а кои играат голема улога во професионалниот развој. За разлика од нив, тврдите вештини се однесуваат на стручност во одредена област, техничка подготвеност, знаење и искуство стекнато во училиште, на факултет или некој вид на обука.

Меките вештини на поединецот му помагаат полесно и подобро да ја работи својата работа. Тие овозможуваат ефективно и ефикасно да се користат и тврдите вештини, знаењето и искуството. Овој вид вештини го подобруваат начинот на кој луѓето соработуваат со своите колеги, шефови, клиенти… Развојот на меките вештини влијаат навреме и успешно да се завршат работните задачи и поставени цели.

Меѓу поважните меки вештини се:

Интерперсонални вештини – луѓето кои имаат добри интерперсонални вештини имаат способност да комуницираат со другите, но знаат и да ги сослушаат без да ги осудуваат и да имаат разбирање за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат нивните соработници.

Комуникациски вештини – овој вид на луѓе имаат капацитет на соодветен начин да ги пренесат информациите на другите.

Организациски вештини – веруваат дека со системски пристап полесно се детектираат проблемите, а со тоа полесно се доаѓа и до решение. Тие се одликуваат со темелност, посветеност и голема мотивација за работа.

Тимски играчи – во секое време се расположени за соработка и постојано го чувствуваат поривот за споделување, разговор и заеднички пристап во решавање на сите проблеми и предизвици што ги носи работата.

Во теоријата постојат голем број на меки вештини кои секој професионалец, кој верува во себе и во својата работа, треба да ги развива. Но, тие генерално се поделени во две групи: вештини за управување со самиот себе и вештини за градење и одржување однос со луѓето.

За да се биде успешен, неопходно е да се направи идеална комбинација од двата вида вештини и никогаш да не се сопре во нивниот развој и унапредување. Само така добриот менаџер, лидер или вработен на било која позиција, ќе успее етапно да се искачува на врвот на професионалната кариера и да постигнува одлични резултати на долг рок.