Што сè поскапе во април?

37

Трошоците на животот во април 2021 година, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,7%, додека порастот кај цените на мало е 0,6%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Пораст на индексите на трошоците на животот во април 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 10,8%, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 7,2%, свежото и разладеното овошје за 5,3%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9%, рибата и морските плодови за 0,8%, виното за 0,6%, лебот и житата за 0,2%.

Во април, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 15,6%, обувките за 1,9%, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,1%, градините, растенијата и цвеќињата за 1%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства, домашните миленици и сродните производи, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,9%, електричните апарати за лична хигиена за 0,8%, малите електрични апарати за домаќинствата, накитот, часовниците и рачните часовници за 0,7%, велосипедите за 0,6%, фармацевтските производи за 0,5%, материјалите за одржување и поправки на живеалиштето за 0,4%, облеката за 0,3%, услугите за одржување и поправки на живеалиштето, теписите и другите подни покривки, моторните возила, патниот патнички транспорт, медиумите за снимање, фризерските салони и центрите за разубавување за 0,2%.

Намалување на индексите на трошоците на животот во април 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,6%, полномасното млеко за 0,5% и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,3%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 2%, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 1,5%, цврстите горива за домаќинствата за 1,2%, книгите за 1%, другата облека и додатоците за облека за 0,3%, големите електрични апарати за домаќинствата, другите апарати и производи за лична хигиена за 0,2%.

Индексот на трошоците на животот во април 2021 година, во однос на април 2020 година, бележи зголемување од 2,7%, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,7%.

Фото: Pexels