Што се случува со неискористените денови од годишниот одмор во случај на промена на работното место?

1990

kalendar

Фото: Pexels

Летните месеци се оној дел од годината кога вработените ги пресметуваат своите денови за одмор, како од овогодишниот, така и неискористените денови од минатата календарска година. Мошне често може да се појави ситуација во која еден работник во меѓувреме го променил своето работно место без притоа да ги искористи сите денови од годишниот одмор, поради што се поставува прашањето, што се случува со тој заостанат одмор и дали постои можност тие неискористени денови да се „префрлат“ кај новиот работодавец?

Во Законот за работни односи е регулирано прашањето за правото на годишен одмор на работникот. Работникот се стекнува со правото на годишен одмор кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеци кај ист работодавец без оглед дали работникот работи полно или скратено работно време. Работникот има право на одмор од 20 до 26 работни дена. Годишниот одмор може да се користи во два дела, а одморот во првиот дел мора да трае најмалку 12 последователни работни дена. Оние денови за одмор што не биле искористени во тековната година, можат да се искористат до 30 јуни следната година.

Во законот пред сѐ се предвидува дека во договорот за вработување треба да се наоѓа одредба за годишниот одмор, како и за начинот на определување на истиот. Имено, според Законот за работни односни, договорот за работа склучен меѓу работодавачот и работникот, може да содржи одредби со кои попрецизно ќе биде регулирано како ќе се користи годишниот одмор.

По правило, работникот го користи правото на одмор кај работодавачот кај кого стекнал право на негово користење, освен ако со работодавачот поинаку не се договорил. Со други зборови, годишниот одмор се користи кај работодавецот каде се исполнети условите за неговото користење. По исклучок, доколку подоцнежниот работодавец изречно се согласи, може да се искористи и годишен одмор од претходно работно место. Поврзано со ова е и обврската на работодавецот да му издаде потврда на работникот за искористен годишен одмор. Важно да се напомене е дека работникот има право на надоместок за неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос под услов ако претходно побарал користење на годишен одмор, а не му било овозможено користење на годишен одмор и работниот однос му престанал не по негова вина и волја. Со други зборови, работникот нема право на надоместок за неискористениот дел од годишниот одмор ако до престанок на истиот дошло поради: волја на работникот, отказ поради потешка повреда на работниот ред и дисциплина, како и поради истек на времето за кое е склучен договорот за вработување на определено време.