Што треба да знаете кога купувате производи?

259

Доколку забележите недостаток на производот, трговецот мора да ги отстрани недостатоците во рок од 30 дена од моментот на поднесувањето на вашето барање или по добивањето на решението од надлежниот инспекциски орган со кое е наредено трговецот да ги отстрани недостатоците во определен рок, стои во Брошурата – Што треба да знаете кога купувате производи на Министерството за економија и Организацијата на потрошувачи на Македонија.

За производите кои служат за потрајна употреба, трговецот е должен, по приемот на вашето барање, веднаш да ви достави соодветен производ кој ќе го користите за време на поправката на производот. Во случај на отстранување на недостаток на производот, гарантниот рок се продолжува за периодот кога производот не се користел. Ова време се пресметува од денот на вашето барање за отстранување на недостатокот.

Во случај на отстранување на недостатоци со замена на производот којшто се склопува или е составен дел на производот за којшто се утврдени гарантни рокови, гарантниот рок за новиот производ почнува да тече од денот кога на потрошувачот му е испорачан производот чијшто недостаток се отстранува.

Во нашите продавници се среќаваме со гаранции за мотор на фрижидер со рок од 10 до 15 години, мотор на машина за перење од седум до 10 години, автомобили од седум години и слично. Ова се производствени гаранции и по овие гаранции ги имате истите права, само со подолг рок отколку што дава производителот. За сообразност на производот, ќе треба купувачот да му се обрати на продавачот.

Кои се правата на купувачот, доколку купил несообразен производ?

Кога купувате производи, морате да знаете дека правните прописи ве штитат во случај да купите неисправен производ. Продавачот одговара за материјалните и правните својства на производот кој го става во промет. Кога велиме правни својства на производот, тоа значи дека тој треба да ви продаде производ кој е во негова сопственост и да не е оптоварен со туѓо право.

Продавачот, исто така, е должен да гарантира за материјалните својства на производот што значи дека гарантира за сообразноста на производот или дека ќе добиете производ со договорениот квалитет и квантитет и, ако се работи за сложен производ, тој треба да е комплетен. За определени производи производителите можат да гарантираат определени својства и карактеристики за подолг временски период, понекогаш поради тоа што се работи за производи кои се употребуваат во домаќинството или други технички производи кои треба да имаат гаранција на подолг временски период (над пет години), а понекогаш со цел да им се допаднат на потрошувачите и да постигнат конкурентска предност. Оваа гаранција е позната како производствена гаранција.