Што значи кредитниот рејтинг ББ – што го има земјава според Standard and Poor’s

40

Кредитниот рејтинг на една земја претставува проценка на способноста и подготвеноста на властите во земјата навремено и во целост да го сервисираат долгот.

Изгледите, односно оцените, се поделени во неколку групи: позитивен, стабилен или негативен и ја одразуваат можноста за промена на финансиските и другите економски трендови на краток рок, вообичаено до три месеци.

Утврдените рејтинзи на агенцијата се поделени во два сегмента: инвестициски и шпекулативен. Рејтингот на долг рок на Standard & Poor’s сe движи од ’ААА’ до ’АА’, потоа до ’БББ’, за да завршат со Д. Сите овие категории се квалификувани со предзнак плус или минус.

Агенцијата Standard and Poor’s објави нов извештај, во којшто, како што информираат од Народната банка, го потврди кредитниот рејтинг на нашата земја ББ-, со стабилен изглед. Во извештајот, одделно внимание ѝ е посветено на монетарната политика, со фокус на стабилноста на домашната валута и нивото на девизните резерви, како и на стабилноста на банкарскиот систем.

Меѓу другото, Standard and Poor’s повторно наведе дека мерките на Народната банка, како што е пониската задолжителна резерва за обврските на банките деноминирани во денари, придонесуваат за намалување на вкупната евроизација во земјата, којашто  воедно е и пониска споредено со другите економии во регионот. Standard and Poor’s одделно се осврна и на девизните резерви, коишто во текот на оваа година бележат раст, во најголема мера како одраз на интервенциите на Народната банка на девизниот пазар.

Во извештајот посебен акцент е ставен на банкарскиот систем, со нагласок дека тој е стабилен, ликвиден и добро капитализиран, со ниско ниво на нефункционални пласмани, а дека неговите активности главно се финансирани преку домашните депозити. Standard and Poor’s даде позитивни оцени и за кредитниот пазар во нашата земја, забележувајќи дека и покрај тоа што поголем дел од кредитирањето е насочено кон населението, во последниот период се забележува поголема активност и на сегментот на корпоративното кредитирање.