Што значи одлуката на СЗО за прогласување на вонредна состојба?

326

Светската здравствена организација (СЗО), објави дека коронавирусот е глобален итен случај. СЗО прогласи вонредна состојба на меѓународно ниво откако бројот на случаи на коронавирус е зголемен за повеќе од десет пати за една недела, пренесува АР.

Оваа организација соопшти дека итната ситуација на глобално ниво претставува “вонреден случај“, што значи дека  претставува ризик за другите земји и бара координиран меѓународен одговор.

Експертите велат дека особено загрижувачки се случаите на пренесување на вирусот од личност на личност во земји надвор од Кина, бидејќи тие посочуваат дека постои поголем потенцијал за натамошно ширење на вирусот.

Прогласувањето на вонредна состојба на глобално ниво ќе покрене  препораки за сите земји, односно насоки кон спречување или намалување на ширењето на вирусот преку границата, истовремено избегнувајќи непотребно патување, пренесува Reuters.

АР наведува дека прогласувањето вонредна состојба обично подразбира дека ќе се вложат повеќе пари и ресурси за да се спречи ширењето на вирусот, но може да ги поттикне владите на државите да го ограничат патувањето и трговијата со засегнатите земји.

Оваа одлука им наметнува на земјите построги критериуми во пријавувањето на заразени случаи.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адном Гебрејзус ја објави одлуката по состанокот со Комитетот за итни случаи на СЗО, во услови на растечки докази за ширење на вирусот во 18 земји.

“Главна причина за ова прогласување не е она што се случува во Кина туку и во другите земји“, вели Гебрејзус додавајќи дека постои загриженост дека вирусот ќе се шири во земји со послаб здравствен систем.

Бројот на жртви во Кина порасна на 170, а СЗО соопшти дека 98 случаи се забележани во 18 земји надвор од Кина, но нема жртви.

Фото:Pexels