Штрајк на вработените во Туркиш ерлајнс

17

turkish-airlinesВработените во турскиот национален авиопревозник Туркиш ерлајнс денеска стапија во штрајк поради спорот со управата околу колективниот договор. Според информации од компанијата, засега нема пореметување во авиосообраќајот.

Синдикатот Хава – Иш, во кој членуваат од 14.000 до 15.800 вработени во Туркиш ерлајнс, со управата преговара и за враќање на работа на 305 вработени кои добиле откази минатата година поради штрајкот на 29 мај, кога беа откажани 223 летови, а компанијата претрпе загуби од два милиони долари.

Од синдикатот велат дека барањата се фокусирани главно на безбедноста.

“Вработените не сакаат да работат и да летаат кога се преморени, сакаат да работат правилно. Правата треба да се запазат. Работниците не сакаат да добиваат откази кога се болни. Инсистираме неправедно отпуштените 305 работници да се вратат на работа”, изјави претставник на синдикатот.

Од Туркиш ерлајнс велат дека повеќето вработени не го поддржуваат штрајкот и дека редот на летање се одвива нормално. Од синдикатот пак велат дека пореметувањето во авиосообраќајот ќе се почувствува подоцна во текот на денот.