Швајцарците со референдум ги ограничија менаџерските плати и бонуси

24

Swiss-FrancШвајцарците на референдум одлучија да ги ограничат платите и отпремнините на менаџерите во компаниите кои котираат на берзата. Овој предлог на референдум што се одржа вчера го поддржаа 68% гласачи.

Законскиот предлог којшто драстично ќе ја промени рамнотежата на силите во швајцарските компании и добар дел на моќта од менаџерите и членовите на управите ќе ја префрли на сопствениците на акциите, го осмисли и го дотурка до референдум бизнисменот Томас Миндер, кој воедно е и сенатор на Демократската унија на центарот.

“Народот одлучи да им испрати јасна порака на управите на фирмите, на владата и парламентот”, ги коментира Миндер резултатите од референдумот.

Швајцарците со право на глас одлучија сопствениците на акции во компаниите да имаат право да одлучуваат за висината на платите на директорите, а забранети се т.н. “златни падобрани”, односно огромни отпремнини кои се исплаќаат на директорите откако ќе ја нашуштат компанијата. Изгласано е и да се ограничат директорските мандати на една година.

Од швајцарските бизнис кругови стигаа жестоки реакции на овој референдумски предлог, со објаснување дека неговото прифаќање може да резултира со заминување на меѓународните компании од земјата, поради што би дошло до губење на работни места и нарушување на конкурентноста на швајцарската економија.