Швајцарската амбасада поддржи отворање штанд за локални производи во Неготино

24

dsc_5834

Локалната акциска група Тиквешка Винска Долина го одбележа отворањето на штандот за продажба на локални производи поставен во близина на автопатот Е-75, на влезот од Неготино.

На настанот, којшто се одржа пред ресторан Антигона на влезот од Неготино, учествуваа претставници од локалната акциска група, производители чии производи се продаваат на штандот, како и претставници од општините Неготино, Демир Капија и Кавадарци.

“На штандот ќе бидат застапени производи од локални производители кои сами не можат да се појават на пазарот, а штандот им нуди  можност на едно место да се претстават заеднички и да остварат дополнителни приходи “, изјави Василка Косева, од Локалната акциска група Тиквешка Винска Долина.

Штандот, според нејзе, ќе ја зголеми и видливоста на Тиквешијата како регион во којшто се произведуваат квалитетни, автентични производи со кои доследно ќе може да се претстави Македонија на странските туристи.

Локалната акциска група Тиквешка Винска Долина е здружение составено од претставници од приватниот, невладиниот и јавниот сектор, кое веќе две години работи на поддржувањето на регионалниот развој на Тиквешкиот микро – регион.

Поставувањето и работењето на штандот се спроведува како дел од пилот – активност на Тиквешка Винска Долина во склоп на Проектот за операционализација на ЛЕАДЕР пристапот во РМ. Проектот е спроведен од страна Асоцијацијата за иновации во руралната економија (АИРЕ), финансирана од страна на Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија. Со поддршката од Амбасадата, АИРЕ поддржува девет локални акциони групи во Македонија со цел да ги изгради нивните капацитети за пристапување до финансиски средства од домашни и странски донатори.