Швајцарија и Исланд се најскапите земји за живеење во Европа, но каде е Македонија

315

World Population Review објави листа на европски земји според трошоците за живот, рангирана од најскапи до најевтини.

Листата што ја состави оваа американска организација за собирање податоци за глобалното население и демографија вклучува 41 европска земја.

Пресметката е направена со споредување на цените на стоките и услугите во Њујорк, при што се земени предвид пет критериуми – трошоците за живот воопшто, цените на киријата или домувањето, цените на намирниците, цените во рестораните и индексот на цените на производителите, пишува N1.
Според оваа пресметка, најскапи земји за живеење се Швајцарија и Исланд. По нив следат два британски даночни раеви – островите Џерси и Гернзи, а на петтото место е Ирска.

Меѓу десетте најскапи се Норвешка, Луксембург, Данска, Холандија и Велика Британија. Австрија е на 11, а Германија на 12 место.

Гледајќи го дното на табелата, земјата со најниски трошоци за живот е Белорусија. Малку над неa се две завојувани држави – Украина и Русија, а потоа следат  Македонија и Молдавија.

Бугарија е рангирана на 36-то место, што ја прави најевтина (и, се разбира, најсиромашна) членка на Европската унија, и е наречена „еден од скриените скапоцени камења во Европа за туристите и иселениците“. Веднаш над неа, на 35. место е Романија, додека Србија го зазема 34. место.

Од земјите во регионот, Словенија е најскапа за живеење и се наоѓа на 25. место. Заедно со Словенија, најскап живот во земјите од регионот има Хрватска, која е на 29. место. По нив следат Црна Гора со 31, Унгарија со 32, додека Босна и Херцеговина не се најде на оваа листа.

Полска е на 30. место, а поскапи од неа се Словачка, Летонија, Литванија, Словенија, Грција, Естонија, Чешка, Португалија и Шпанија, кои се рангирани по тој редослед до 20. место.